All for Joomla All for Webmasters

+398 43 370 720 +389 2 5057 753  

РАЗВОЈ НА ПРОГРАMАТА

Од 2003 година започна со работа Дневен центар на ПОРАKА НЕГОТИНО во Неготино и од 2012 година Дневен центар на ПОРАKА НЕГОТИНО во Волково, општина Ѓорче Петров, Скопје. 
Овие Дневни центри претставуваат сервис за поддршка на лицата со
интелектуална попреченост кои живеат кај своите родители и поддршка на лицата опфатени со процесот на деинституционализација кои живеат во заедницата со поддршка во Станбените единици за домување во заедницата во Неготино и Скопје. 
Дневните центри имаат за цел дневно згрижување, социјализација, едукација, работна ангажираност и оспособување за самостојно живеење, како и промовирање на корисноста на лицата со пречки во
интелектуалниот развој во општеството. Исто така имаат за цел да им помагаат на родителите на овие лица да можат да го организираат својот живот и да ги извршуваат секојдневните семејни и општествени обврски.
Дневните центри даваат голема поддршка во спроведување на процесот на деинституционализација.
Во Дневните Центри се реализираат голем број на активности во склоп на работилниците и надвор од нив.

Активности во Дневните Центри

Eдукативна работилница

Едукативната работилница има за цел да овозможи самостојност и независност во животот и работата на корисниците. Преку оваа работилница корисниците се стекнуваат со знаења и вештини за грижа за себе си и другите, развивање на особини и навики неопходни за групен живот, навики за културно однесување и одговорност, знаења за својата природна блиска средина, безбедност во сообраќајот, парите и нивна примена.

Креативна работилница

Kреативната работилница опфаќа секојдневна обука за рачно везење и шиење, шиење на машина, плетење, ткаење, работа со тесто, гипс и глина, изработка на честитки накит и други украсни предмети.
Целта на креативната работилница е поттикнување и развивање на естетски чувства,
развивање на фината моторика, како и анимирање и работна окупација на самите корисници.

Компјутерска работилница

Компјутерската работилница има за цел стекнување на основни и напредни дидактички знаења за компјутерите и нивна примена .

Музичка работилница

Музичката работилница има за цел да ја создаде музичката култура кај лицата со попреченост во интелектуалниот развој. Преку теоретски и практични предавања во кои лицата со попреченост ќе се запознаат со основните поими, историјата, различните инструменти, 

како и различните стилови на музика, ќе се збогатат со знаење во областа на културата кое е многу важно во нивниот понатамошен развој. 

Во програмата на музичката работилница исто така се предвидени посети на концерти во Македонската Опера и Балет, Македонската Филхармонија, различни концерти на класична и популарна музика, се со цел кај лицата со попреченост да се создаде чувство за припадност во културниот свет, спознавање на еден друг вид на забава и оформување на сопствените афинитети во областа на музиката. 

Фолклорна работилница и модерни танци

Целта на работилницата по музика и фолклор е корисниците да ги истакнат своите способности, можности и афинитети како кон традиционалната музика така и кон музиката на останатите етникуми. Исто така работилницата предвидува забава и дружење помегу корисниците како и рационално искористување на слободното време.

Ликовна работилница

Целта на ликовната работилница е корисниците да се запознаат со дисциплината која ги проучува уметничките поими со цел изострување на ликовната чувствителност и поттикнување на креативноста .

Самозастапување и насочено планирање

Оваа работилница има за цел едукација и стекнување на вештини со кои корисниците ќе можат да се застапуваат себеси и со тоа активно да учествуваат во заштитата на сопствените права заради подобрување на квалитетот на нивното живеење.

Целта на Насоченото планирање е да се откријат индивидуалните интереси и потреби на лицето, да се одреди каква поддршка е потребна и кои лица да се вклучат за да може поставените цели да се остварат во перодот во кој лицето сака.Во ова планирање лицето е активен и клучен учесник во креирањето на својот план на поддршка, неговиот развој, како се одвива, реализација и на крај и евалуација на планот.



Готварска работилница


Работилницата за готвење овозможува обука за подготовка на храна, декорирање и послужување. 
Секојдневно од 3 до 5 корисници учествуваат во оваа работилница и при тоа се обучуваат за самостојно подготвување на различни видови на храна, како истата да се декорира и послужи, бонтон при јадење, користење и одржување на приборот и сл.