All for Joomla All for Webmasters

+398 43 370 720 +389 2 5057 753  

galer4

Имплементирање на процесот на деинституционализација

Центар за помош на лица со ментален хендикеп ПОРАКА НЕГОТИНО – НЕГОТИНО е родителска, невладина организација за лица со интелектуална попреченост. Од 2008 година започна со имплементирање на процесот на деинституционализација на лица со интелектуална попреченост од Специјалниот Завод во Демир Капија кој е дел од Стратегијата на Република Македонија за деинституционализација на лицата со попреченост во интелектуалниот  развој, во периодот од 2008 до 2018 година.
Процесот се имплементира во согласност со Договорот за Соработка помеѓу Институтот Отворено општество - Mental Health Initiative од  Будимпешта и Министерството за труд и социјална политика и Договорот за Соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Порака Неготино.


Порака Неготино има воспоставено Станбени единици за домување со поддршка во Неготино и Скопје. Ваквиот   модел на услуга Порака Неготино има за цел да го развие и во другите градови во   Македонија.

 

ДОМУВАЊЕ СО ПОДДРШКА

Програмата за Домување со поддршка на лица со интелектуалнапопреченост претставува активен дел од работата на Центар за помош на лица со ментален хендикеп ПОРАКА НЕГОТИНО - Неготино и преку истата моментално им се пружа поддршка на вкупно 86 лица со интелектуална попреченост во Неготино и Скопје кои претходно биле сместени во различни институции од социјална заштита . Сепак најголемиот број на корисници се деинституционализирани од Специјалниот Завод Демир Капија ( 56 корисници), Завод за рехабилитација на деца и младинци Топанско Поле (5 корисници ) ; Дом за стари лица (5 корисници ); Дом за деца без родители и родителска грижа 11-ти Октомври ( 1 корисник ) ; Психијатриска болница- Скопје (3 корисници ) ; Прифатен Центар Чичино Село ( 1 корисник ) и 15 корисници кои се сместени во станбените единици од своите биолошки семејства.

Во 2008 година беше отворена првата станбена заедница, а до крајот на 2009 година целосно се формира Служба за домување со поддршка во Неготино, која всушност е и првата Служба за домување со поддршка на лица со интелектуална попреченост во Република Македонија.

Во домувањето со поддршка, се опфатени 86 лица со интелектуална попреченост кои се сместени во вкупно 18 станбени единици од кои 9 во Неготино и 9 во Скопје. Лица кои дваесет или триесет години својот живот го поминале во институциите кадешто ги немале ни основните услови за живот, кои им се загарантирани со Уставот на Р. Македонија. Денес овие лица го живеат својот сон, Нивниот нов живот.

Домувањето со поддршка во станбените единици  има за цел да  дава поддршка на лицата со интелектуална попреченост во изведувањето на сите активности во секојдневниот живот во нивните станови, како и активности во заедницата, настојувајќи да даде поддршка за нивно осамостојување и нивна социјална инклузија во заедницата.

Бидејќи домувањето со поддршка е за возрасни лица, по нивното адаптирање во средината и заедницата крајната цел на овој процес е тие да се стекнат со вештини на живеење, како би можеле да се вработат или работно да бидат ангажирани, како сите други граѓани, а преку нивниот ангажман тие да се чувствуваат корисни во заедницата.

Имајќи во обзир дека ние сме родителска организација, програмата на Станбените единици за домување со поддршка во заедницата во Неготино и Скопје –Волково како дополнителна цел исто така има за цел превенција од институционализација . Програмата за превенција од институционализација обезбедува поддршка на лицата со интелектуална попреченост кои живеат со своите родители и кои во голема мера се исклучени од активностите во заедницата. 

Овие лица не се оспособуваат за самостојно и независно живеење, па честопати по смртта на нивните родители заминуваат во институции и таму остануваат до крајот на својот живот. Одењето во институција за нив претставува големо трауматично искуство.

Затоа, ПОРАКА НЕГОТИНО работи на превенција од нивна институционализација преку нивно редовно вклучување во активности на Дневните Центри преку различни активности за нивно оспособување за самостојно живеење.

Во рамки на станбените единици посебно се става акцент на воспоставување на контакти со родителите, роднините и старателите. До сега воспоставени се голем број на контакти со родители, браќа и сестри или роднини со кои корисниците кои биле сместени во институција, не одржувале контакт подолг период .Постои посебна припрема и подготовка на лицата за средбите со членовите на нивните семејства.

Главната задача на Програмата на Домување со поддршка во заедницата е припремање на корисниците за нивно самостојно живеење. Па така преку нивно вклучување во различни активности кои се изведуваат во нивните станбени единици и работилниците во Дневните Центри на ПОРАКА НЕГОТИНО во Неготино и Скопје-Волково , тие добиваат разни обуки и тренинзи од страна на вработените лица.